Играчот-тренер најдобар на терен, Јуниор КВ во вториот дел го скрши Младост

Ракометарите на Јуниор Кисела Вода остварија победа во 2. коло од плеј-офот во Првата лига, откако на домашен терен славеа убедливо против Младост Богданци со 38:26.

Гостинскиот тим од Богданци имаше одличен старт на натпреварот, Младост поведе со 1:5 и 3:7. Оваа водство успешно го чуваа до финишто на првото полувреме. Јуниор КВ успеа да израмни и сепак на пауза да замине со предност од 18:15.

Во вториот дел домашната екипа имаше целосна доминација и контрола на резултатот. Уште на стартот со серија од 6:1 Јуниор КВ се одлепи на недостижна предност и до крај на дуелот само ја зголемуваше за на крај да запише нови три бода со убедлива победа од 12 гола разлика.

Предводник на тимот од Кисела Вода до победата беше играчот-тренер Игор Илиевски со девет гола, а седум постигна Филип Петровски. Во тимот на Младост најрасположен уште еднаш беше Митко Караиванов со десет гола, додека по шест гола постигна Никола Роглев.