Играа со нерегистриран ракометар, сега ќе останат без место во плеј-офот

Дисциплинската комисија на Ракометната федерација на Данска објави дека клубот, Бјерингбро Силкеборг, за време на три натпревари од домашниот шампионат настапил со нерегистриран ракометар, кој бил без пријава и потребен сертификат.

Административната грешка и големиот пропуст беа причина за одземање на шест освоени бодови од три натпревари на клубот. Станува збор за ракометарот, Сасер Хелвег, кој во ракометната федерација на Данска бил пријавен како ракометар на Лемвиг.

Ракометарот беше на позајмица од Силкеборг во Лемвиг во периодот од 8 октомври 2020 до 31 декември 2020 година, а потоа управата на Бјерингбро Силкеборг реши да го врати во своите редови. Позајмицата требала да биде до крајот на сезоната, но од Бјерингбро решиле порано да го вратат назад и сметаат дека тој е нивни ракометар.

При оваа постапка била нарушена процедурата и затоа Бјеринбро остана без бодовите од дуелите со Рингсед (42:25), Холстебро (33:31) и Колдинг (34:24). Покрај бодовите клубот добива и парична казна од 30.000 дански круни.