Победата на Катар над Аргентина донесе максимално интересна ситуација во Групата 2 од вториот круг на Светското првенство бидејќи сега средбата меѓу Хрватска и Данска (20:30ч) ќе го реши прашањето за второпласираниот состав.
Иако победата на Катар донесе шанса за оваа селекција за четврт-финале, сепак, ништо не е готово, па свои шанси имат и Аргентина и Хрватска.
Практично дуелот меѓу Хрватска и Данска сега се очекува со нетрпение во три држави, а секоја очекува различен епилог за радост.
Во Хрватска чекаат победа на своите миленици
Селекцијата на Хрватска нема друг избор освен денеска да дојде до победа на дуелот против Унгарија. Само со победа Хрватите можат да стигнат до пласман во четврт-финалето каде што ќе одат на дуел против селекцијата на Шведска.
Со триумф Хрватска ќе дојде до седум поени и ќе биде пред Катар и Аргентина кои имаат по шест бода.
Катар се надева на победа на Данска
Репрезентативците на Катар откако денеска дојдоа до победа над Аргентина сега очекуваат победа на Данска над Хрватска за да стигнат до пласман во четврт-финалето.
Со победа на Данска, Катар и Аргентина ќе бидат на ист број на бодови, па ќе реши меѓусебниот дуел.
Аргентинците чекаат реми
Во случај селекциите на Хрватска и Данска денеска да одиграат нерешено тогаш Хрватите ќе дојдат до вкупно шест бода и во таква ситуација ќе се создаде мини табела на крајот од денот. Во таа мини табела селекцијата на Аргентина ќе биде во предност.
На табелата од три репрезентации (Хрватска, Аргентина, Катар) сите имаат по два бода, а само Аргентина има позитивна гол разлика. Оттаму евентуалното реми меѓу Хрватска и Данска значи и пласман на Аргентинците во четврт-финалето. Откако не ја искористија шансата сами да се пласираат сега чекаат помош од други.
РЕЗУЛТАТИ ЗА МИНИ ТАБЕЛА
АРГЕНТИНА – КАТАР 25:26
АРГЕНТИНА – ХРВАТСКА 23:19
ХРВАТСКА – КАТАР 26:24
МИНИ ТАБЕЛА: 1. Аргентина 2 бода (48:45); 2. Катар 2 (50:51); 3. Хрватска 2 (45:47).
Средбата меѓу Хрватска и Данска е последната во 3. коло и нокаут групата, а Данците и денеска ќе бидат без првата ѕвезда Микел Хансен, кој има стомачен вирус.