Игор Котевски се потсети на ЕП98: Заедно со Кометал ЃП го поставивме ракометот за спорт број 1

Во деновите кога спортот низ целиот свет е застанат и главното внимание е насочено во битката со коронавирусот, навраќањето низ минатото и будењето на спомените се секако добредојдени за да може сите да се потсетат и на значајните моменти од кариерата на поголем дел од спортистите.

Македонија на ракометната карта на Европа и светот се појави со остамостојувањето на земјата, но првиот голем настап на машката сениорска репрезентација беше во 1998 година на Европското првенство кое се одржа во Италија. На овој шампионат беше освоено 12. место, а тоа беше првото првенство на кое една машка сениорска селекција на Македонија учествувала.

„Самиот пласман на Европското првенство во Италија беше огромен успех за нас. Сепак, на тој шампионат отидовме недоволно искусни во секој поглед. Меѓутоа во тоа време во 1998 година да се биде дел од Европското првенство значеше да се биде меѓу најдобрите 12 земји и затоа тоа беше успех кој е ценеше максимално“, вели Игор Котевски за 24 Ракомет.

Според него на тој прв настап било тешко бидејќи уште сите биле почетници и ги правеле првите чекори на вакот тип на натпреварувања. За разлика оттогаш сега ракометарите имаат и далеку подобри услови.

„Сега е многу поинаку. Далеку поголема логистика стои зад репрезентацијата. Сега има комплетен тим кој стои зад репрезентацијата.  Тогаш беше поинаку и тоа што имавме натурализирани ракометари кои добија пасоши пред првенството, па дел од оние играчи кои учествуваа во обезбедувањето на пласман на шампионатот не добија можност да играат на Европското првенство“.

Во тоа време ракометарите многу потешко се снаоѓаа на турнирски систем на натпреварување.

„Ова првенство се играше на почетокот на летото. Подготовките ги одработевме во Маврово и во кратко време имавме четири контролни натпревари со Југославија. Одигравме натпреар во Куманово, два во Скопје и еден во Кавадарци. Се виде дека на нас турнирското играње не ни одговара. Мислам дека можевме да направиме многу повеќе на тоа првенство, но неискуството не спречи. Имавме и тешки средби, а на некои од нив не можевме да бидеме комплетни. Пепи Манасков се повреди и го немавме на сите средби“.

Инаку, атмосферата за време на целиот турнир била одлична. Другарството било она што ги красело сите на теренот и надвор од него.

„Тоа беше одлична генерација во која другарството беше неверојатно. Сите се дружевме и имавме максимално почитување. Меѓутоа имаше максимална почит и на релација играч-тренер односно играч-селектор“.

Котевски вели дека тие заедно со женската репрезентација и со Кометал Ѓорче Петров биле оние кои ги создале темелите за ракометот да го добие приматот на спорт број 1 во Македонија.

„Она што ние го направивме тогаш со пласманот на Европското првенство во Италија во 1998 година и потоа на Светското првенство во Египет во 1999 година даде голем чекор напред. Ние заедно со екипата на Кометал Ѓорче Петров, но и женската репрезентација направивме многу за ракометот и го поставивме на позициите на кои е и денес. Го поставивме да биде спорт број 1 во Македонија“, коментираше Котевски за 24 Ракомет, потсетувајќи се за учеството на првото Европско првенство на сениорската селекција во 1998 година.

На ова првенство Игор Котевски беше најефикасниот ракометар на Македонија. Тој постигна 26 погодоци и со нив беше за еден гол пред Пепи Манасков.

Во делот СЕДИ ДОМА, ГЛЕДАЈ РАКОМЕТ досега можевте да погледнете неколку од натпреарите од овој шампионат на кој Игор Котевски и колегите почнаа да ја испишуваат ракометната историја на Македонија на големите натпреварувања. Доколку пропуштивте некој од тие натпревари можете да ги погледнете.

МАКЕДОНИЈА – УНГАРИЈА

МАКЕДОНИЈА – РУСИЈА

МАКЕДОНИЈА – ХРВАТСКА