Македонската легенда Игор Котевски е најблиску до тренерската столица на новиот суперлигаш Куманово, тимот што ќе разигрува за опстанок во македонската елита. Кумановци се разделија со Љубиша Димковски, кој го водеше тимот по камбек во Суперлигата и се во потрага по негов наследник.
Првичните контакти со Котевски се веќе направени, од двете страни постои интерес за соработка, но дополнително ќе бидат договарани деталите, па ќе се знае дали ќе биде официјализиран договорот.
Доколку го преземе Куманово, Котевски ќе соработува со Дејан Кимевски, исто така поранешен македонски репрезентативец, кој е дел од клубот.
Котевски во есенскиот дел од сезоната беше на клупата на Јуниор Кисела Вода, тим кој исто така ќе се бори за опстанок во суперлигашкото друштво. Претходно Котевски седеше на клупите на Металург РА, Голден Арт, Металург, Бутел Скопје, Драчево, Македонија и младинскиот тим на Пролет.
Куманово оствари само една победа на 14 натпревари во Суперлигата, па сега ќе стартува со 1 бод во плеј-аут групата, во која ќе има уште седум ривали во борбата за опстанок.