Игор Вори доби сериозна конкуренција, уште еден член на златната генерација на Хрватска се врати кратко во улогата на играч. Блаженко Лацковиќ (41) мораше да го „гази пожарот’ во Хамбург кој остана без седум сениори за гостувањето кај Хановер.
Гостите покрај сите проблеми и неиграњето на дури 13 играчи добро се носеа и на крајот изгубија од тимот на нашиот Кузмановски со 27:29, а македонскиот репрезентативец учествуваше во победата со четири гола.
Лацковиќ не влегуваше во игра, давеше совети покрај клупата, но беше во играчка опрема спремен да помогне. Откако го одигра последниот натпревар поминаа две години во кои се посвети на тренерската кариера која ја развива покрај Јенсен со кој како играч и како тренер соработува повеќе од десет години.
Во кариерата како играч Лацковиќ две години го носеше и дресот на Вардар од 2014 до 2016, а настапуваше уште за Вартекс, Бадел 1862, Фленсбнург и Кил.