Поранешниот чувар на мрежата на хрватската репрезентација, Иван Стевановиќ, според извори на хрватскиот „24Сата“ е пред камбек во нацоналниот тим.
Стевановиќ во иднина би можел да биде тренер на голманите во сениорската репрезентација на Хрватска откако стекна доволно искуство во младинската репрезентација каде што соработуваше со двајцата голмани, Доминик Кузмановиќ и Матеј Мандиќ, кои беа дел од хрватската експедиција на Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Моментално со голманите во сениорскиот национален тим работи Нино Павелиќ. Стевановиќ својата ракометна кариера ја заврши во претходната година. Последен клуб за кој настапи беше полскиот вицешампион, Висла Плоцк.
За репрезентацијата на Хрватска забележа 68 официјални настапи. Го носеше репрезентативниот дрес од 2017 до 2019 година.
Најголемиот успех на репрезентативно ниво го оствари на Европското првенство во Полска (2016) каде со неговата репрезентација го освои третото место односно бронзениот медал.