Иван Марковски ја започна тренерската авантура со Шандонг

Македонскиот стратег Иван Марковски по заминувањето од Металург се реши за поинаков предизвик во кариерата.

Замина во далечната Кина, каде го презема женскиот тим на Шандонг и веќе го помина подготвителниот период со екипата.

Претстојниот викенд ќе стартува кинескиот шампионат кој се игра турнирски, а првиот ќе биде во Анхуи.

„Требаше да почнеме минатиот викенд, но поради ковид ситуацијата е одложен стартот за претстојните неколку дена. Ќе се игра турнирски (четири турнири до јануари), а секој турнир ќе се игра во различна провинција. Првиот ќе се одржи во Анхуи. Засега немаме големи амбиции бидејќи го подмладивме тимот и ни фалат шест репрезентативки, кои се со националниот тим на подготовки во Русија, но и покрај тоа ќе се бориме за висок пласман. Главна цел се наредните Народни игри во 2025 година кои се одржуваат на секои четири години“, вели Марковски за 24Ракомет од далечната Кина.

Некогашниот македонски репрезентативец ја започна тренерската кариера во тогашниот ХЈС Работник, беше предводник на женската екипа на Самбр Авенуа од Франција, пред да се врати во Македонија и да работи во Металург.

Од Автокоманда замина во Кина, каде освен тимот на Шандонг во иднина би можел да ја води и женската репрезентација.