Македонскиот стратег Иван Марковски ќе има нов предизвик во тренерската кариера. По работата во Металург каде и покрај ограничените ресурси имаше одлични резултати сега Марковски заминува во далечната Кина и ќе биде тренер на женската екипа Шандонг. Но, тоа треба да биде почетокот на неговиот ангажман, бидејќи до крајот на годината се очекува Марковски да ја преземе и женската сениорска репрезентација на Кина.
Договорот со кинеската федерација е потпишан на 3,5 години и главната цел на Марковски ќе биде да го пренесе знаењето и да го подигне и клубот, и репрезентацијата на повисоко ниво. Освен тренер на екипа, Марковски ќе има задача и како скаут да ги најде најдобрите ракометарки што би играле за репрезентацијата. Таа последниот месец беше на подготовки во Русија и тренираа со руски играчи и тренери.
Препораката за Иван Марковски доаѓа од Франција каде тој претходно работеше во женска екипа на Ле Самбр Авенуа. Француската врска работи одлично и една од главните оски е Филип Босер кој беше „виновник“ и за многу трансфери на играчи во Македонија, меѓу кои и повеќемина што играат или играле во Вардар и Еурофарм Пелистер.
Екипата на Шандонг е од истоимениот град од провинција Веихаи. Од екипата на Шандонг има дури шест репрезентативки на Кина, која беше дел од последниот Мундијал минатата година во Шпанија. Националниот тим на Кина го очекува настап на Азиското првенство кон крајот на 2022 година, од каде ќе се обезбедува место на СП 2023.
Марковски ја започна тренерска кариера во некогашниот ХЈС Работник во Битола, а потоа работеше во Франција, во тимот на Ле Самбр Авенуа. По камбекот во Македонија го презема составот на Металург и успеа да го извлече максимумот во Автокоманда, но си замина кон крајот на 2021 година. Во играчката кариера Марковски ги носеше дресовите на Вардар, Пелистер и Металург, а во странство играше за Загреб, Oсијек, Метковиќ, Трст, КАИ Арагон…