Словенечкиот Тримо Требње е следен ривал на ракометарите на Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа.
На клупата на тимот што се враќа на старите патеки е Урош Зорман, кој по работата како асистент во Келце, во Тримо ја има главната тренерска улога.
Неговиот тим загуби од Словењ Градец со 27-25, но Зорман вели дека има уште многу натпревари да се играат и не треба да се мисли толку на поразот.
„По поразот во Словењ Градец, мораме да се вратиме во нормала. Тој пораз не е трагичен, знаевме дека еден ден ќе дојде. Главите горе, одиме понатаму и имаме среќа што ќе се играат уште многу натпревари, па ќе можеме да ја подигнеме формата. Еурофарм Пелистер е одличен тим и мора да се респектира. Ќе сториме се што можеме да победиме и ќе го дадеме максимумот, па ќе видиме тоа што ќе донесе. Подготовките течат вообичаено. Секој ривал го почитуваме и од никој не се плашиме. Еурофарм Пелистер е добра екипа, која пред стартот на сезоната се засили со неколку искусни ракометари. Мораме да одиграме цврство во одбраната и во нападот да изгубиме мал број на топки за да имаме полесна задача. Голманите ќе имаат клучна улога, а јас верувам дека може да го повториме успехот од гостувањето во Унгарија. Одиме на победа“, вели Зорман.
Натпреварот меѓу Тримо Требње и Еурофарм Пелистер се игра утревечер во „Тиволи“ во Љубљана, со почеток во 20:45 часот.