Зоран Кастратовиќ за ГРУПА Г: Египет цели високо, Хрватска ќе го подобрува впечатокот по трите „хаварии“

Осум групи за осум истакнати тренери, сегашни и поранешни селектори. Зоран Кастратовиќ e црногорски стратег кој во моментов е тренер на тимот Ал Мудар од Саудиска Арабија. Во неговата богата кариера ги водеше црногорските екипи Беране и Сутјеска Никшиќ, катарскиот Ал Џаиш, како и македонската тројка - Вардар, Металург и Пролет. Како селектор седеше на клупите на женската репрезентација на Македонија, како и на машките репрезентации на Црна Гора и Иран. За 24Ракомет Зоран Кастратовиќ ќе ја анализира групата Х.

Две репрезентации од оваа група се апсолутни фаворити, Египет и Хрватска, во однос на третопласирана репрезентација од последното континентално првенство на Африка – Мароко, како и САД – првопласирана репрезентација од квалификацискиот турнир на кои што играа тимови од Северна и Средна Америка.

Со оглед на квалитетот и искуството на селекциите од оваа група се наметнува прашање дали поголем фаворит за освојување на првото место е Египет или Хрватска? Секоја од овие две селекции, за жал, има проблеми со повредени играчи кои се лидери на тимот кога се во прашање офанзивни или дефанзивни задачи во игра. Натпреварот помеѓу овие две репрезентации е во исто време натпревар помеѓу два европски ракометни системи – шпанскиот и хрватскиот.

Но борбата за трето место би можела да биде многу интересна. Репрезентацијата на Мароко со поголема традиција на настапите на големи натпреварувања како што е оваа првенство ќе игра против САД – тимот кој за првпат настапува на светскиот шампионат по 2001 година. За разлика од своите фудбалски колеги мароканските ракометари можат да се пласираат во вториот круг на оваа натпреварување ама да бидат изненадување на турнирот – невозможна мисија.

🇪🇬 ЕГИПЕТ 🇪🇬

Во 2021 година како домаќини на Светското првенство, овогодишен шампион на Африка, го има освоено седмото место. Уште го паметиме трилер дуелот против репрезентацијата на Данска во четвртфиналето. Чекор повеќе направен е на Олимписките игри во Токио со пласман во полуфинале и заземање на четврто место после поразот од Шпанија.

Египет е уште една од селекциите кои што го негуваат шпанскиот систем на игра со оглед дека се предводени од шпанскиот тренер Парондо. Сосема добро технички обучени, со поголема тактичка дисциплина и цврстина во дуел игра, репрезентацијата на Египет станува тим за респект во дуелите со секоја светска селекција. Кога на тој квалитет ќе се додаде искуство на носителите на игра стекнато во реномирани европски тимови сигурно е да репрезентацијата на африканскиот шампион можеме да ја очекуваме и на некое место повисоко отколку на минатиот шампионат.

Единствен проблем на ова селекција е отсуство на нивниот десен бек Омар Јахија Кемал поради сериозна повреда на коленото. Египет нема да смета ниту на легендарниот Ел Ахмар, кој заврши со националниот тим и нема да има камбек.

Како и секој тим предводен од шпанските стратези очекувана дефанзивна формација е 6:0 со повремена примена на некоја модификација на 5:11 зонска формација. За игра во нападот Египет има играчи кои имаат искуство од настапите во Лига на шампиони (Зеин, Мохамед Хешам, Елдера) како и од играње во најсилните европски лиги особено во Франција. Но египетскиот состав има и некои квалитетни играчи кои настапуваат во домашниот шампионат на Египет во две врвни екипи Замалек (голманот Хендави и бекот Хасан Кадах – иден член на Клце) и Ал Ахли (столбот на одбраната Елмасри).

🇭🇷 ХРВАТСКА 🇭🇷

Хрватска на ова првенство доаѓа после три ракометни хаварии, а тоа се лош пласман на последниот европски шампионат од јануари оваа година (осмо место), неуспехот од квалификацискиот турнир за Олимписки игри во Токио 2021 како и 15 место на последниот светски шампионат во Египет 2021. Со намера да го подобри учинокот и се вмеша во борба за медал.

Хрватите можеби во моментов немаат голем број на играчи во врвна форма и во врвни европски екипи, но секако се секогаш извонредни како тим. Спортска нација како што е Хрватска, постојано очекува врвни резултати од своите национални тимови па и од ракометниот на претстојното СП.

Згора на се, неколку репрезентативци на Хрватска кои што настапуваат во најсилното ракометно натпреварување – Бундес лига се повредија оваа есен и немаат можност за настап за националниот тим (Мандиќ, Мамиќ, Јагањац, Павловиќ). Како што може да се заклучи од списокот на повредените ќе недостасуваат многу играчи кои што имаат значителни улоги кога се во прашање дефанзивни задачи. Кога е во прашање дефанзива би требало да очекуваме повеќе зонска формација 6:0 отколку хрватската верзија на 5:1 одбрана, а пред се поради должината на турнирот како и поради помало енергетско трошење. Играч кој што е доминантен во улогата на преден во длабоката зонска формација Домагој Дувњак сега е без алтернатива во отсуство на Давид Мандиќ.

Сигурно е дека носителита на игра на хрватската селекција би требало да се бараат помеѓу членовите на Загреб, како и некои играчи од Бундес лигата. Креацијата во нападот им секако припаѓа на поранешните вардарци – тандемот Карачиќ и Циндриќ.

🇲🇦 МАРОКО 🇲🇦

Еден во најмала рака чуден шампионат на африканскиот континент. Порано беше незамисливо да финална средба може да се одигра без учество на традиционално најдобрите екипи, Тунис и Египет. Оваа година се покажа дека чуда се случуваат и така во финалето на шампионатот на црниот континент игра Египет и Зеленортски острови. И не само тоа. Во натпревар за третата позиција ракометарите на Мароко ги победија фаворизираните репрезентативци на Тунис и тоа играчки и резултатски убедливо со 28:24. И така од трета позиција Мароканците доаѓаат на најголемата светската ракометна претстава.

Мароко на светските првенства за прв пат има настапено во 1995 година, а на минатиот шампионат во Египет заврши на 29 место.

Најголем број на репрезентативци мароканската селекција ги има од мароканските клубови. Накои до членовите на мароканската селекција настапуваат во француските ракометни клубови и тоа најмногу од Втората и пониските лиги на Франција. Само еден член на репрезентација на Мароко не настапува во овие две земји и тоа е Армин Харчауи кој што настапува во првенството на Саудиска Арабија.

Мароканците, за разлика од порано кога игра екстремно длабока 3:3 зонска одбрана, сега преферираат умерено агресивни зонски формации од кои најчесто практикуваат 6:0 одбрана која има карактеристики на начин на кој што игра репрезентацијата на Франција.

Најголеми ѕвезди се двајца членови на Ол Стар тимот од минатиот шампионат на Африка – голманот Ала Ларуси и десното крило Хичам Ел Хакими.

🇺🇸 САД 🇺🇸

Кога зборуваме за развој на ракометот во САД, мораме да спомнеме дека процесот оди сосема бавно во однос на можностите и потенцијалот. Светската ракометна федерација прави големи напори да го пласира својот продукт ракомет на толкав пазар како што се САД. Покрај пласман изборен на квалификациски турнир ова лето во Мексико, САД имаат добиено две вајлд-карти за учество на светските шампионати во 2025 и 2027 година, а поради организацијата и учество на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година.

САД ја имаат извонредно искористено можноста да триумфираат на турнир одигран од 26 до 30 јуни во отсуство на најквалитетните кубански ракометари, а во конкуренција уште со Мексико и Гренланд. Во систем во кои четири екипи играат секој со секого, а на крај првите две екипи играат некакво Супер финале, тимот на САД убедливо во финале славеше против селекцијата на Гренланд со 33:26. Да спомнам дека и во групната фаза резултат беше исто така убедлив 36:28 за селекцијата на САД,

Предводена од норвешкиот тренер Роберт Хедин, кој што своевремено се има пријавувано на конкурс за селектор на македонската репрезентација, селекцијата на САД негува стил сличен на скандинавската ракометна школа со доминантна 6:0 зонска одбрана. Голем број на играчи, членови на репрезентацијата на САД настапуваат во европските клубови. Во ростерот за следното светско првенство само 7 играчи од вкупно 35 се членови на ракометните клубови од САД.

Дека тимот на оваа земја сериозно се подготвува за настап на СП зборува и тоа дека учествуваа на турнир кои што го организираше ракометна федерација на Норвешка, каде што покрај домаќинот Норвешка, играа уште Португалија и Бразил.