Тимот на Овче Поле СУ по вторпат сезонава успеа да слави во региоалниот двобој против штипски Астибо со 23-29.
Штипјанки поведоа на стартот со 4-1, беше 7-4 и ја одржуваа предноста до средината на првиот дел кога гостинките израмнија на 7-7. Во продолжение се играше гол за гол, а во финишот на полувреме Овче Поле СУ успеа да ја преземе контролата на теренот и на пауза замина со водство, 12-15.
Во вториот дел се разгореа страстите на теренот во Штип. Имаше груби стартови на двете страни, судиите доделија многу исклучувања и седмерци, а во 40. минута гостинките останаа без Елена Вучевска.
Таа стартуваше на лицето на една од домашните ракометарки, доби второ исклучување, но продолжи со приговорите, а малку недостигаше да има и физичка пресметка. Вучевска заработи и трето исклучување, односно црвен картон, а арбитрите и доделија и син картон.
Тогаш Овче Поле СУ водеше со 15-20, а упорнните штипјанки не се откажуваа од камбек. Стојанова и Анчева почнаа да погодуваат, но одбраната на Астибо во овие моменти лесно примаше погодоци, па гостинките беа на безбедна разлика.
Во последните десетина минути Астибо намали на минус три, 22-25, па беше и 23-26, но до крајот ниту еднаш не реализираа домаќинките, а Овче Поле СУ погоди три пати и немаше многу драма во финишот.
Арбитрите на овој дуел досудија 15 седмерци, имаше 12 исклучувања и по еден црвен и син картон. Најдобри стрелци кај победнникот беа Вучевска со осум и Конева со шест гола, а кај Астибо, Стојанова реализираше осум пати, додека Јована додаде уште шест погодоци.