Екипата на Вајперс Кристијансад ќе се бори за трета титула во Лигата на шампионите, откако во полуфиналето на Ф4 турнирот во Будимпешта славеше против Ѓер со 37:35.
Тимот од Норвешка во претходните две сезони е на европскиот трон и во утрешното финале, во кое ќе игра со подобриот од дуелот меѓу ФТЦ и Есбјерг, ќе се обиде да стигне до трета титула по ред во најквалитетното европско натпреварување.
Актуелниот бранител на титулата одигра одлично во првото полувреме, во кое успеа да постигне дури 23 погодоци во мрежата на унгарскиот гигант. Шампионот на Норвешка уште на почетокот влезе во брзина и целосно го надигра тимот на Ѓер, кој во еден дел од првите 30 минути имаше негатива и од минус седум гола (20:13).
Вајперс Кристијансад ги имаше расположените две репрезентативки на Чешка, Јерабкова и Кнедилкова, кружниот напаѓач Јежиќ беше непогрешлива, Робертс погодуваше кога беше најпотребно, така што тимот предводен од Оле Густав доминантно се прошета во првото полувреме и на пауза замина со предност од пет гола разлика, 23:18.
Голманката на Вајперс Кристијансад, Катрин Лунде, во првото полувреме имаше пет интервенции. Во таборот на Ѓер, екс членката на Вардар, Амандин Лејно, од осум упатени удари успеа да сопре два, додека нејзината колешка Сандра Тофт запиша четири интервенции во првиот дел.
По десет минути игра во второто полувреме, односно во 40-та минута, предноста на ајперс Кристијансад беше 28:24. Како одминуваше времето паѓаше концентрацијата на норвешкиот шампион, па така Ѓер во 42-та минута успеа да се доближи на 29:26.
Иако Ѓер имаше шанса да се избори за реми и продолженија, бидејќи на 40 секунди пред крајот намали на само гол негатива, 36:35, Вајперс Кристијансад не дозволи некогашниот европски шампион да дојде до посакуваното израмнување.
Најефикасни во победничката екипа беа Јасмина Робертс со осум и Маркета Јерабкова со седум погодоци. Во составот на Ѓер прво име беше Стине Офтедал со 11 реализации.