Ракометарите на Прилеп одиграа одличен натпревар во 14. коло од Супер лигата и на домашен терен ја совладаа екипата на Пролет со 27:24 во дуел на кој во најголемиот дел беа во водство.
Пролет го имаше почетното водство со головите на Џонов и Димов. Прилеп веднаш возврати преку Рустамов, Тренчевси и Трајковски и после пет минути игра беше 3:3. Прилеп играше одлична одбрана и поведе со 6:4, но потоа брзо возвратија гостите и одново беше нерешено во 15. минута.
Добрата игра на избраниците на Горан Кузманоски, продолжи до крајот на првиот дел, за 15 минути Прилеп прими само два гола и создаде одлична предност пред продолжението. На полувреме домашниот тим водеше 14:8.
Во првите десет минути од второто полувреме Пролет успеа да ја преполови негативата и да намали на минус три. Следуваше период од шест минути без погодок на двете страни, а Тренчевски погоди за 19:15 во 46. минута.
Сè до заршните пет минути се играше гол за гол и постојано беше три или четири разлика за Прилеп. После две одбрани на голамнот на Пролет и две брзи реализации гостите се вратија во игра на минута и пол до крајот кога намалија на 24:23. Чантурија погоди за 25:23 што беше доволно за конечна победа на Прилеп.