Агенцијата за млади и спорт организираше прием за македонските кадетки, кои го освоија првото место на ЕХФ шампионатот во Клаипеда, Литванија и донесоа радост на целокупната публика.
Дирекоторот на АМС вели дека се радува што неговиот прв селектор, заедно со ракометарките и го донесоа на Македонија овој голем успех.
„Голема чест ми претставува фактот дека мојот прв селектор е денес кај нас заедно со ракометарките кои го направија овој огромен успех за македонскиот ракомет, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт“, Наумче Мојсовски.
Тој додаде дека ова остварување дава сигнал дека македонскиот ракомет има светла иднина, и дека овие девојки ќе имаат можност да докажат дека сме ракометна нација.
На приемот свое излагање имаше и селекторот Љубомир Савевски кој се заблагодари за укажаната можност да го искаже задоволството од беспрекорната игра на кадетките.
„Можност да се вратат од негатива од 5 и повеќе голови, особено во натпревар со една велесила како што е Шпанија е показател за величината на оваа генерација, како на физички, така и на ментален план“, изјави Савевски.
Свои импресии од шампионатот ги искажаа и двете претставнички од репрезентацијата Ива Младеновска и Бојана Коцева, задоволни од пласманот и условите кои федерацијата ги обезбеди како за време на припремниот период, така и за време на шампионатот.