Селекцијата на Данска која важи за еден од главните фаворити за златниот медал на Европското првенство денеска во првиот меч од Златната лига го совлада составот на Норвешка со 28:26.
Во интересна средба Данците дојдоа до убаво водство уште во текот на првите 30 минути. Имаа три гола предност и на пауза заминаа со 15:12.
Она што беше сработено во првите 30 минути беше загубено во продолжението кога составот на Норвешка успеа да се врати во игра и да израмни на 20:20. Оттука тргнаа возбудувањата кои траеја до крајот на средбата. Нијанси решаваа за победникот, но Данците покажаа моќ и дојдоа до победа од 28:26.
Голманот Грин успеа да покаже квалитет на овој дуел и беше еден од позаслужните што во финишот Данска се избори за победата.
В недела следува нов меч за Данска на Златната лига, а се соочува со селекцијата на Франција од 17 часот.