Селекцијата на Унгарија стартуваше со победа на Светското првенство во Египет, откако славеше над дебитантот Зеленортските Острови со 34-27. Поради коронавирусот и заразените играчи, Зеленортските Острови на овој натпревар имаа на располагање само 11 ракометари.
Избраниците на Иштван Гулјаш отворија со водство од 5-0 и ставија до знаење дека нема да имаат големи проблеми на овој дуел. Имаа Унгарците и плус седум, 19-12, но со два брзи гола, Зеленортските Острови намалија на 19-14 пред паузата.
Во второто полувреме унгарскиот селектор им даде шанса на сите играчи од клупата, но тоа не се почувствува во резултатот. Водството на Унгарија се движеше од шест до девет погодоци, а на крајот мечот заврши 34-27.
Најдобри стрелци во победничкиот состав беа десните бекови Анчин со пет и Балог со четири погодоци, додека кај Зеленортските Острови се истакна Семедо со шест голови, но со лоша реализација.