Зеленортските острови пред отстранување од Светското првенство

Селекцијата која вчера одигра солиден натпревар против Унгарија и беше повеќе од добар противник, Зеленортските острови, се наоѓа пред исфрлање од Мундијалот односно пред административно губење на можноста за играње на натпреварите.

Проблемите се во правилникот за играње на натпревари на Светските првенства откако уште двајца ракометари беа позитивни на тестот за Ковид 19.

Ова се нови два случаи со што брoјката на позитивни во тимот е зголемена, a во опасност сега е доведена и селекцијата на Унгарија со оглед на тоа што тие синоќа играа на натпреварот од 1. коло против Унгарците.

Според членот 7 од правилникот за одигрување на натпревари на Мундијалот во Египет, секоја екипа мора да има минимум 10 играчи меѓу кои еден мора да биде на голманската позиција. Со оглед на тоа што составот на Зеленортските острови имаше 11 играчи на првиот дуел против Унгарија, а од нив сега има двајца позитивни за утрешниот дуел против Германија оваа репрезентација најверојатно ќе биде без можност да излезе на терен и ќе го загуби натпреварот по службен пат со 10:0.

Шанса за нови ракометари во тимот постои, но истите ќе мора да покажат негативни тестови на Ковид 19 за да можат да настапат. Оние кои се веќе позитивни мора да имаат два негативни теста за да добијат дозвола да настапат, а истите не можат да бидат направени во период помал од 48 часа.

Оттаму судбината на Зеленортските острови е неизвесна. Од друга страна има и правило кое вели дека во случај да не бидат одиграни три натпревари составот автоматски се исфрла од натпреварувањето.