Европскиот шампион Вардар ја продолжува потрага по уште еден среден бек за да го комплетира ростерот за следната сезона. Иако потпиша Анте Гаџа, сепак раководоството на „црвено-црните“ не се откажува од ангажман на нов плејмејкер.
Се вртат имињата на Игор Карачиќ, Ловро Јотиќ и Миха Зарабец. Јотиќ е лесно достапен со оглед на тоа што има потпишано само преддоговор со Бенфика, а Карачиќ и Зарабец се врзани со договори со Келце и Кил.
Со оглед на тоа што во Кил доаѓа Сандер Сагосен, Зарабец знае дека минутажата ќе му биде сведена на минимум, па искажал заинтересираност да се пресели во Скопје. Кил планира редуцирани плати за 30% за следната сезона, што може да е уште еден плус за „црвено-црните“ во обидот да го „преселат“ Зарабец во Вардар.
Ако Словенецот потпише за европскиот првак, ќе се обедини со двајцата поранешни соиграчи од Кил – левиот бек Кристијан Дисингер и Марко Вујин, со кои беа „зебри“ во сезоната 2017/2018.