За слаба организација следува казна: Работнички ќе и плати 15.000 денари на РФМ!

Вториот натпревар од 5. коло во Суперлигата, меѓу Работнички и Металург што требаше да се игра во СРЦ „Кале“, не се играше во предвидениот термин.

Причината е тоа што домаќинот не обезбеди медицинско лице. Се чекаше половина час, па делегатот Камер Металари донесе одлука мечот да биде одложен.

„Домаќинот е должен да обезбеди лекар. Секој лекар треба да има лиценца и да биде присутен 30 минути пред почеток на натпреварот. Во случај да не се појави лиценцираниот лекар во предвиденото време, клубот домаќин е должен да обезбеди друг лекар. Во случај да до почетокот на натпреварот не дојде лекар (време на чекање е 30 мин.), улогата на лекар ја презема гостинскиот лекар доколку гостинската екипа го има пријавено во записникот. Клубот домаќин е должен на лекарот на гостинската екипа пред натпреварот да му исплати такса во висина од 1.000,оо ден. Доколку на натпреварот воопшто нема лекар натпреварот не се игра, а клубот домаќин ќе биде казнет со парична казна од 15.000,00 денари. Натпреварот ќе се одигра дополнително со одлука на Комесарот за натпревари во рок од три дена, а клубот домаќин ќе ги сноси трошоците на гостинската екипа и на службените лица, а висината на трошоците ја одредува Комесарот за натпревари“, се вели во Пропозициите за натпреварување во Суперлигата.

Дуелот меѓу Работнички и поранешниот првак на Македонија ќе се игра в понеделник, од 14:00 часот.