За силна одбрана: Французинот Тото пред вратата на Вардар!

По голманот Робин Кантагрел, нов Французин пристигнува во Скопје. Жереми Тото треба да го облече црвено-црниот дрес на двократниот европски првак Вардар.

Вардар е решен да направи силна екипа за в година, и осoбено ќе се стави акцент на одбраната, па затоа се бараат и играчи што ќе можат квалитетно да одговорат на ова. Играњето на три фронта, во домашното првенство, СЕХА лигата и европските купови бараат да се има подолга клупа за да може да се издржат сите натпревари и патувања. Според информациите на 24ракомет, францускиот интернационалец и поранешен кадетски и младински репрезентативец, Жереми Тото и е пред вратите на двократниот европски шампион Вардар.

Тото би требало да се пресели во Скопје од полска Висла Плоцк, со која ќе игра следниот викенд на завршницата во Лигата на Европа. Информациите од Полска потврдуваат дека Тото ќе се пресели во Скопје следната сезона, една година пред истек на договорот кој го има со Висла Плоцк а кој завршува во 2022. Тото би требало да остане во Скопје најмалку две сезони.

Кружниот напаѓач во Полска го имаше првото интернационално искуство. Тој има 29 години (197/106), а потекнува од составот на Кретеј, за кој играше од 2011 до 2017 година. Потоа направи трансфер во Сен Рафаел, а со овој тим беше дел од ЕХФ Купот.

Минатата година се пресели во Висла Плоцк, остави одличен впечаток, но клубот веројатно ќе го ангажира полскиот репрезентативен пивот Давид Давиџик, а тука се уште Леон Шушња и Абел Сердио, па нема место и за Тото.

Во Лигата на Европа, поранешниот кадетски и младински репрезентативец на Франција одигра 13 натпревари и постигна 20 погодоци. Тој би требало да биде уште едно засилување за вардарци, откако претходно клубот ги потврди трансферите на голманите Томовски, крилата Ѓукиќ и Чувара, како и бекот Кудуз. Најверојатно во тимот ќе пристигне и египетскиот голман ЕлТајар.

До крајот на овој месец треба да биде познати дали во Скопје ќе се пресели египетскиот среден бек Јахија Ел Дера, а до стартот на сезоната сигурно ќе има уште неколку нови ракометари. Од Вардар сигурно заминуваат Кристијан Дисингер, Марко Кизиќ, Иван Чупиќ, Ловро Јотиќ, Робин Кантегрел, како и тренерот Стевче Алушовски.