Германската ракометарка која од 2014 до 2017 го носеше „црвено-црниот“ дрес, Ања Алтхаус со големо задоволство зборува за македонските навивачи и нивната љубов кон ракометот, а и она што најмногу го памети од ЖРК Вардар се фановите и полните трибини.
Таа дури ни откри и една случка по постигнувањето на првиот погодок за екипата.
„Од Вардар најмногу ја паметам публиката! Не можам да заборавам дека по првиот меч одигран за Вардар на кој го постигнав и првиот гол пазарев во маркет и пред мене на каса имаше еден млад дечко. Откако уредно си плати, се сврте кон мене и ми рече: Добредојде во Македонија, го постигна првиот гол за Вардар и многу сум среќен за тебе и сакав да ти дадам нешто и затоа ти купив ’Сникерс’ (чоколатце) Бев толку изненадена и трогната, делуваше неверојатно за мене, таа љубов и тоа почитување! Тоа момче за мене беше одраз на почитта и љубовта на вардаровите фанови кон клубот и кон играчите – неверојатно! Полните трибини, атмосферата, емоциите со кои не следеа и не поддржуваа на секој меч… Понекогаш кога си на терен и имаш тежок момент и се чувствуваш загубен, ако погледнеш на трибините ќе видиш цели семејства како навиваат. Сите се тука (од баба и дедо до најмалото дете) и се даваат целосно себе си во мечот, аплаудираат, скандираат, викаат, пеат. За разлика од Германија или Данска кога публика ќе дојде во сала во Македонија таа не седи само и гледа натпревар, туку е all in! Слично беше и во Унгарија, во Ѓер, и затоа ако треба да направам листа тогаш фановите во Скопје и оние во Ѓер се далеку на врвот пред сите други, затоа што можеше многу убаво да се почувствува љубовта и страста. Од почеток до крај се тука за тебе во натпреварот.“
Подолу прочитајте го целосното интервју со Ања Алтхаус…
ИНТЕРВЈУ АЊА АЛТХАУС: Се восхитувам на страста, љубовта и талентот кои ги има македонскиот ракомет