Зоран Кастратовиќ и следната сезона треба да биде на клупата на скопскиот суперлигаш Пролет 62. Иако неговата мисија траеше нешто повеќе од 1,5 месец тој успеа да го одведе Пролет 62 во европските купови, и да го оствари најдобриот успех во историјата на скопскиот тим на машката Супер лига.
Сега управата на скопјани сака да го задржи Кастратовиќ и веќе сериозно се разговараат за условите за новата сезона и засилувањата. Планот е да се продолжи по истите патеки на успехот и повторно да се биде зад најдобрата двојка, и да се чека шанса за уште подобар успех.
Кастратовиќ (55) дојде на крајот на април на клупата на прв стратег откако претходно тимот имаше серија на порази за кои управата сметаше дека можат да значат и одалечување од плановите за игарње во Европа. Брзо беше направена смената на тренерското местото, па до крајот скопјани не победија единствено на дуелите со Вардар и со Еурофарм Пелистер.
Пролет 62 го знаеше квалитетот на Кастратовиќ кој сезоната ја почна како кормилар на Металург и со клубот мина две квалификациски кола во Лига Европа и ги внесе „сините“ во групната фаза. Но, си замина откако од клубот не го испочитуваа договорот и немапше навреме исплата на договорените пари. Тогаш Кастратовиќ потврди дека Металург му останал должен девет плати, кои сега ги бара преку ЕХФ.
Освоеното третото место на крајот од плејофот во машката Супер лига за Пролет 62 е најдобриот клупски успех со што повторно ќе играат во европските купови, овојпат во Лига Европа, заедно со Еурофарм Пелистер и со Металург, како преставници од Македонија. Лани поради прекинот на првенството не се играше пелјофот, а во сезоната 2018/2019 скопскиот клуб беше на 6 место. Во последните осум сезони тие двапати беа меѓу првите четири на крајот од првенството, а еднаш на 6 место. Двапати играа плејаут, односно разигруваа за опстанок.
Во тренерската кариера Кастратовиќ беше и дел од тимот на Сутјеска (Црна Гора), Вардар, Ел Џаиш (Катар), селектор на Црна Гора и на Иран, и селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија со која настапи на ЕП 2000 година во Романија и на СП 2001 година во Италија.