Селекцијата на Шведска, финалист на последниот Мундијал во Египет имаше тежок испит на стартот на Олимписките игри во Токио. Иако беше голем фаворит против Бахреин, сепак на крајот мораше да се спасува од пораз, а нивниот ривал промаши и пенал по истекот на времето за конечни 32-31.
По почетните 3-3, Шведска се одлепи на предност од плус пет, 8-3 и се чинеше дека ќе ја заврши работата околу планираната победа уште во првииот дел. Беше и 10-5, а во следниот период светскиот вицепрвак одржуваше водство од два до три погодоци.
Сепак Бахреин не се откажуваше и по 15-12, направи огромна серија од шест гола. Предводени од Мохамед и Хабиб, Бахреинците поведоа со 15-18, но Готфридсон погоди за 16-18 на паузата.
Во вториот дел Бахреин беше тој што водеше и диктираше резултат. Најчесто нивната предност беше еден до два гола разлика, а Шведска израмни на 27-27 дури во 47. минута. На осум минути до крајот беше 29-29, а потоа со два брзи гола Бахреин се одлепи на 29-31.
Возбудувањата допрва почнуваа. Бахреин два пати промаши па Ване и Лагерген донесоа реми 31-31, а следуваше нова грешка на азиската земја и Лагерген стрелаше за 32-31. Бахреин го имаше последниот напад, доби пенал, но Паличка го одбрани ударот на Мохамед Ахмед и спречи сензација на стартот.
Најдобри стрелци во шведската репрезентација беа Ване со 13 и Лагегрен со 5 пет погодоци, додека кај Бахреин се истакна Мохамед Ахмад со шест гола.