Македонскиот суперлигаш Бутел Скопје денес официјално ги започна подготовките за новата натпреварувачка сезона 2022/23. На првата прозивка, тренерот на Бутел, Кристијан Грчевски на своите избраници им ги претстави плановите за новата сезона, во која клубот ќе игра и на европска сцена.
Тимот на Кристијан Грчевски се засили со голманот Филип Ивановски, како и бековите Мартин Манасков, Стефан Крстевски и Филип Николов, а покрај тренерот Грчевски договорите ги продолжија пивотите Јевтиќ и Стојчевиќ, како и бекот Стојановски.
Клубот го ангажираше и левиот бек од Борец, Илија Табаков и двајцата ракометари од младинската школа на Вардар, десниот бек Андреј Петрушевски и средниот бек Наум Тасески. Потпишани беа професионални договори и со шест ракометари од младинската школа – Дејан Михајловиќ, Марко Каевски, Петар Цветковски, Филип Бошковски, Наум Симјановски и Стефан Јовевски.
Бутел Скопје во новата сезона во Суперлигата ќе игра во групата А заедно со Вардар, Вардар Неготино, Куманово, Охрид, Струга, Прилеп и Алкалоид. Во ланската сезона екипата заврши зад Вардар и Еурофарм Пелистер, односно на 3. позиција на табелата во плеј-оф фазата.