Ракометарите на Пелистер дојдоа до важна победа на гостувањето во Скопје и тоа против директен ривал за битката за опстанок. Битолчани вчера славеа над Работнички со 34:29 и ова ги искачи на 6. место каде сега имаат бод помалку од петтопласираниот Радовиш и четири помалку од четвртопласираниот Бутел Скопје.
„Им честитам на моите момци за борбеноста и истрајноста. Со оглед на тоа што се работи за неискусна екипа ова за нив беше многу тежок натпревар. Во глобала изигравме добро во одбраната, се смиривме во нападот и ги изреализиравме сите зицери што ги имавме и победата ни дојде можеби неочекувана, но во секој случај и очекувана“, изјави тренерот на Пелистер, Александар Зарков за 24 Ракомет.
Со оглед на тоа што Пелистер имаше водство од 21. до 60. минута, ја имаше и контролата на средбата. Сепак, Зарков смета поинаку.
„Не можеме да зборуваме за нашите натпревари. Нашата екипа е составена од играчи кои немаат искуство во сениорска лига. До лани тие играа во кадетска и во младинска и годинава добија шанса за Супер лига. Сè што ќе направат е одлично. Не можеме да зборуваме дека имавме контрола или дека немавме. Се што ќе дадат момците на теренот екипата на Пелистер е во добивка“.
Играњето на меѓународните средби секако си даде свој резултат.
„Со оглед на тоа што не направивме подготовки во текот на летото натпреварите со Винтертур само ни додадоа дополнителни напори бидејќи во две недели одигравме шест натпревари со оглед на тоа што ова е и младинска и сениорска екипа. Во моментов тоа ни е товар, но децава добија искуство со овие меѓународни дуели и видоа каде е европскиот ракомет“.
Во однос на амбициите за оваа сезона нема залетување и сите во Пелистер стојат цврсто на земја.
„Ние сме скромни. Сакавме да ги нападнеме Работнички, Вардар јуниор, Струга во ваков ослабен состав, ни се погоди на тој меч. Тие се конкуренти за нас за опстанок и освоивме бодови, а добро е што и против Пролет успеавме да ’скубнеме’ бод. Сега во сабота играме против Металург и ќе се обидеме исто така да покажеме добра игра да не биде дека Пелистер ’само лае, а не каса’. Ќе се обидеме. Со оваа екипа ќе се борам за опстанок. Дај боже за нешто повеќе, но немаме шанса за плеј-оф“.
Играчкиот кадар ќе остане тој што е во моментов и нема да има нови имиња.
„Мислам дека нема в предвид да се носат други ракометари од страна. Важно е овие деца да пораснат и да станат врвни ракометари. Тоа им го посакувам на сите кои се во мојата екипа“, изјави Зарков за 24 Ракомет.
Следната средба во Супер машката лига ќе ја имаат веќе в сабота на домашен терен. Со почеток во 18:30 часот го пречекуваат составот на Металург.