Во петок ќе започне новата, 11. сезона во регионалната СЕХА лига. И оваа година ќе се игра по истиот систем од лани. Ќе учествуваат десет екипи, поделени во две групи. Во регуларниот дел настапуваат осум екипи, меѓу кои и македонските претставници Вардар и Еурофарм Пелистер, додека Веспрем и Мешков Брест имаат привилегиран статус и ќе стартуваат од четвртфиналето. По осминафинале и четвртфинале, веќе стана традиционално, сезоната да заврши на стартот на следната, во септември, кога ќе се одржи завршниот турнир во СЕХА.
Нексе е дел од СЕХА лигата од самото нејзино основање во 2011 година. Најдобриот резултат на тимот од Хрватска е пласман на фајнал-форот во сезоната 2018/19 кога завршија на четвртото место. Пред две години Нексе не го мина Вардар во четвртфиналето заради помалку постигнати голови на гостински терен, а минатата година беа елиминирани од Веспрем кој подоцна стана шампион.
Претходната сезона „громовите“ од Нашице имаа смена на тренерската позиција кога Бранко Тамше го замени Хрвоје Хорват после четири години поминати во Нексе. Тамше веднаш го наметна совјот стил на игра – цврста одбрана и агресивна транзиција во напад со многу лесни голови. Резултатите се веќе видливи, Нексе во Лигата на Европа има четири победи и два порази во многу силна конкуренција.
Ракометните познавачи често велат дека Нексе е еден од најдобрите тимови за помладите играчи и нивниот развој. Од самиот почеток, кога семејството Ерговиќ го започна целиот проект, нивната цел беше да привлечат помлади играчи кои ќе им помогнат да работат на своите кариери и да започнат одлични ракометни кариери. Затоа, Нексе отсекогаш бил отскочна даска кон големата сцена и кон најдобрите европски клубови и репрезентации.
Тимот има одличен баланс на млади играчи и искусни ракометари. На списокот се наоѓаат некои од најблескавите ѕвезди во подем на европскиот ракомет како Халил Јагањац, крилните играчи Марин Јелиниќ и Фран Милета, одличното голманско трио Морено Цар, Михајло Радовановиќ и Доминик Кузмановиќ, Словенците Миха Кавчиќ, како и Андраж Велкаврх и многу други квалитетни играчи. За место во прват седморка за следната сезона ќе се борат и Борна Манчи-Мицевиќ, Лука Мославац, Томислав Северец, Карло Годец, Александар Бакиќ и Џанфранко Прибетиќ.
Во составот на Нексе не му недостасува искуство со играчи како Саша Баришиќ-Јаман, Марио Томиќ и Предраг Вејин. Неодамна успеаја да го ангажираат и искусниот црногорски интернационалец Фахрудин Мелиќ кој во Славонија пристигна по осум сезони во некои од најдобрите француски клубови на местото на повредениот Фран Милета кој за жал ќе паузира до крајот на сезоната.
Тренерот Тамше посакува неговиот тим оваа сезона да игра квалитетен ракомет. Се чини дека четвртфиналето во СЕХА лигата е минималната цел за овој тим. Дали се подготвени да одат чекор понатаму останува да видиме во новата сезона.