Во петок ќе започне новата, 11. сезона во регионалната СЕХА лига. И оваа година ќе се игра по истиот систем од лани. Ќе учествуваат десет екипи, поделени во две групи. Во регуларниот дел настапуваат осум екипи, меѓу кои и македонските претставници Вардар и Еурофарм Пелистер, додека Веспрем и Мешков Брест имаат привилегиран статус и ќе стартуваат од четвртфиналето. По осминафинале и четвртфинале, веќе стана традиционално, сезоната да заврши на стартот на следната, во септември, кога ќе се одржи завршниот турнир во СЕХА.
Втора сезона по ред белорускиот првак добива привилегија да ја прескокне регуларната фаза од регионалната СЕХА лига поради ковид пандемијата и заедно со унгарскиот Веспрем да добие место во четвртфиналето од ова натпреварување. Мешков Брест е веднаш зад водечката четворка и е тим со девет настапи досега во историјата на СЕХА. По Маноло Каденас и Раул Алонсо, Дани Гардо е третиот шпански тренер што ќе се обиде да му донесе прва титула на Мешков Брест во регионалното натпреварување.
Иако досега дури осум пати во деветте учества беше дел од завршните турнири во регионалната СЕХА, само два пати стигна до финалето, но и два пати остана без трофејот. По ланската успешна сезона, и четвртфиналето во Лигата на шампионите, белорускиот првак оваа сезона претрпе неколку промени во играчкиот кадар и не ги прикажува изданијата што ги очекуваат навивачите.
Заминаа четворица ракометари што имаа значајни улоги како левото крило Давид Разгор, десниот бек Марко Паниќ, левиот бек Сандро Обрановиќ и средниот бек Александар Шкурински. Плус ако на ова се додаде дека останаа и без легендарниот голман Иван Пешиќ, тогаш новиот тренер Дани Гардо, имаше тешка задача да ги повтори резултатите од претходната сезона.
На левата крилна позиција покрај Андреј Јуринок тука е Илја Тамашук, додека на десно крило покрај најдобриот стрелец Микита Вајлупов игра искусниот Максим Баранов. На линијата од шест метри Гардо ги има Владимир Врањеш, како и домашните ракометари Артем Селвасјук и Вјачеслав Шумак.
Левата бековска позиција среде сезона беше засилена со Србинот од романскиот Бакау, Стеван Сретеновиќ, а триото го пополннуваат рускиот бомбардер Дмитри Санталов и францускиот интернационалец Баптис Бонфон.
Сташ Скубе ја има главната улога во организацијата на нападите, а му помага Јака Малус, додека на десната страна Станислав Кашпарек покажа дека е големо засилување за белорускиот тим. Во тимот остана и десниот бек што е позајмен од Келце, Павел Пачковски.
Откако замина голманот Пешиќ, Мешков веднаш реагираше па на Илја Усик и Иван Мацкевич им го додаде репрезентативец Вјачеслав Салдаценка, кој играше за романскиот Бакау. Сега белорускиот првак има комплетно белоруско трио меѓу стативите.
Покрај белоруските ракометари, во Мешков има и двајца Словенци, еден Русин, еден Босанец, еден Чех, еден Французин, еден Србин и еден Полјак. Дел од нив беа со своите репрезентации на Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Оваа сезона Мешков има скратен ростер и ако има некоја повреда, тоа веднаш се чувствува во играта. Затоа можеби долго време беа без триумф во Лигата на шампионите, но црната серија беше прекината со триумф кај Елверум. Плус беа освоени по еден бод против Загреб и Монпелје, па тимот на Гардо се враќа сериозно во битката за елиминациите во Лигата на шампионите.
Во домашното првенство Мешков Брест имаше два кикса против СКА Минск, едно реми и еден пораз, но и ривалот киксираше, па Мешков е лидер по 15 одиграни кола, односно половина одиграни натпревари со 27 бодови и големи шанси за одбрана на титулата.