Во петок ќе започне новата, 11. сезона во регионалната СЕХА лига. И оваа година ќе се игра по истиот систем од лани. Ќе учествуваат десет екипи, поделени во две групи. Во регуларниот дел настапуваат осум екипи, меѓу кои и македонските претставници Вардар и Еурофарм Пелистер, додека Веспрем и Мешков Брест имаат привилегиран статус и ќе стартуваат од четвртфиналето. По осминафинале и четвртфинале, веќе стана традиционално, сезоната да заврши на стартот на следната, во септември, кога ќе се одржи завршниот турнир во СЕХА.
Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер веќе трета сезона ќе биде дел од СЕХА лига, а претходните два пати беше елиминиран во осминафиналето од Нексе Нашице, односно Мешков Брест. За тимот од Битола оваа сезона претставува шанса за нешто повеќе, одосно место во четвртфиналето или завршниот турнир во регионалното натпреварување.
Тренерот Жељко Бабиќ врши одлична работа во Еурофарм Пелистер, ова лето донесе трофеј по 15 години во Битола и се чини дека оваа сезона има одлично вклопен ростер, со по двајца или тројца ракометари на сите позиции со еднаков квалитет.
Во играчкиот кадар, ако се спореди со минатата сезона имаше доста промени. На почетокот на сезоната стана јасно дека од клубот заминува египетскиот голман Карим Хендави, но битолчани веднаш пронајдоа квалитетна замена во унгарскиот репрезентативец Мартон Секељ.
Целосно е променета голманската тројка, па на местата на Трајкоски и Чаневски, дојдоа Марко Кизиќ и Филип Ивановски. На левата крилна позиција се искусните репрезентативци Бојан Маџовски и Гоце Ојлески, додека десната страна ја покриваат Ненад Костески и Јосип Божиќ Павлетиќ, кои се меѓу најдобрите стрелци оваа сезона.
Хрватскиот интернационалец Томислав Кушан побара трансфер во Бундес лигата, а клубот го ослободи од обврските, па се потпре на услугите на Елмир Граџан и Никола Маркоски, кои долги години го носат дресот на „фармацевтите“.
Моторот на тимот оваа сезона е босанскиот среден бек Јосип Периќ, кој многупати на натпреварите од есенскиот дел од сезоната беше човек на одлука, бидејќи не само што е добар асистент, туку е и добар стрелец. На неговата позиција се уште и Марио Танкоски и кубанскиот интернационалец Реине Табоада. Во минутажа што ја добиваат, двајцата покажаа дека Бабиќ може сериозно и да смета на нивните услуги.
Левата бековска позиција е покриена со хрватскиот бомбардер Стипе Мандалиниќ, кој иако имаше проблеми со повреди, сепак е јасно дека играта на битолчани не е иста. Покрај Мандалиниќ, Бабиќ ги има на располагање и Немања Обрадовиќ, кој е важна алка во одбраната и Дејан Кукуловски, кој нема преголема минутажа, барем не на европските натпревари на битолскиот клуб. Милорад Кукоски е играч без кој одбрана не може да се замисли.
Десни бекови во ростерот на Еурофарм Пелистер се репрезентативците на Македонија, Хрватска и Црна Гора – Мартин Велковски, Матео Мараш и Мирко Радовиќ. Тројцата прикажуваа добри партии во есенскиот дел од сезоната и се чини дека на оваа позиција Бабиќ нема за што да се грижи.
Битолчани имаа добро вкомпонирам и избалансиран тим, кој може да им ги замрси сметките на вардарци во распределбата на трофеите во Македонија. Летоска во Супер куп мечот, Еурофарм Пелистер беше клубот што славеше против Вардар и се радуваше на трофејот.
Покрај македонските ракометари, во тимот од Битола настапуваат и тројца играчи од Хрватска, двајца од Босна и Херцеговина, по еден од Унгарија, Црна Гора, Куба и Србија. Покрај Македонците (Маџовски, Трајкоски, Костески и Велковски), уште Радовиќ, Мараш, Секељ и Периќ настапија на Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Во македонската Суперлига, „фармацевтите“ се на второто место на табелата во регуларниот дел зад Вардар, а во преостанатите шест кола мора да ја задржи позицијата и да обезбеди да стартува од истата позиција во плеј-офот во март.
Во Лигата на Европа, Еурофарм Пелистер веќе го обезбеди местото во елиминациската фаза, односно во осминафиналето, откако се наоѓа на второто место на табелата по шест кола во групата во која се Кадетен, Спортинг, АЕК Атина, Татабања и Ним. Сепак напролет претстојат вистинските предизвици низ кои ќе се види до каде е способен да догура битолскиот тим на европска сцена.