Запознајте ги тимовите во СЕХА: Веспрем оди по петта титула

Во петок ќе започне новата, 11. сезона во регионалната СЕХА лига. И оваа година ќе се игра по истиот систем од лани. Ќе учествуваат десет екипи, поделени во две групи. Во регуларниот дел настапуваат осум екипи, меѓу кои и македонските претставници Вардар и Еурофарм Пелистер, додека Веспрем и Мешков Брест имаат привилегиран статус и ќе стартуваат од четвртфиналето. По осминафинале и четвртфинале, веќе стана традиционално, сезоната да заврши на стартот на следната, во септември, кога ќе се одржи завршниот турнир во СЕХА.

Веспрем, екипата која веќе има освоени четири титули во СЕХА лигата и еднаш загуби во финалето од Вардар ќе се обиде да ја одбрани титулата освоена на последниот фајнл-фор минатиот септември во Задар.

Ова беше првиот трофеј во тренерската кариера на Момир Илиќ. Tренерот од Србија имаше одлична кариера како играч освојувајќи две титули во Лигата на шампионите со Кил и две во СЕХА лигата со Веспрем. Не беше лесна задачата на фајнл-форот, а особено финалето против Загреб, но Илиќ успеа да стигне до својот прв трофеј.

Тимот од Унгарија првпат беше победник во СЕХА во 2015 година кога на домашен терен во финалето го совлада Мешков Брест со 32:21. Но Веспрем имаше далеку потешка задача следната година во Вараждин кога противник им беше Вардар и против кој славеа тешка победа од 28:26 за втора титула. Истите ривали играа и во финалето во 2020 кога повторно Веспрем беше поуспешен и победи со 35:27. Единствениот пораз во финалето тимот од Унгарија го запиша во 2017 година кога во Брест загуби од Вардар со 21:26.

Веспрем уште еднаш во СЕХА лигата ќе се приклучи од четврт-финалето како привилегирана екипа, а дотогаш ќе може целосно да се посвети на домашното првенство и Лигата на шампионите. Пред новогодишната пауза Веспрем заврши на третото место во групата Б од ЛШ зад Келце и ПСЖ, а пред Фленсбург и Барселона.

Илиќ одлучи својот тригодишен план со Веспрем да го започне со подмладен ростер. Сепак, неговиот тим е добро покриен на сите позиции, а тоа го потврдува фактот и што четири нивни играчи играа во полуфиналето на ЕП и се клучни алки во своите репрезентации. Тоа се Родриго Коралес, Хорхе Македа, Расмус Лауге и Кентан Мае кои имаат одлична поддршка од Мануел Штрлек, Петар Ненадиќ, Омар Јахија и Андреас Нилсон. Со ваков ростер Веспрем секогаш оди на победа кој и да е нивниот противник и сигурно е главен кандидат за нова титула во СЕХА.