Во петок ќе започне новата, 11. сезона во регионалната СЕХА лига. И оваа година ќе се игра по истиот систем од лани. Ќе учествуваат десет екипи, поделени во две групи. Во регуларниот дел настапуваат осум екипи, меѓу кои и македонските претставници Вардар и Еурофарм Пелистер, додека Веспрем и Мешков Брест имаат привилегиран статус и ќе стартуваат од четвртфиналето. По осминафинале и четвртфинале, веќе стана традиционално, сезоната да заврши на стартот на следната, во септември, кога ќе се одржи завршниот турнир во СЕХА.
Македонскиот шампион Вардар е еден од четирите тима заедно со Загреб, Нексе и Татран Прешов кои досега имаат настапувано во сите изданија на регионалната СЕХА лига од нејзиниот старт во 2011 година, кога токму „црвено-црните“ ја освоија титулата. Вардар е најтрофеен клуб во СЕХА лига со пет титули.
Од кормилото летоска замина Стевче Алушовски, а дојде прославениот Веселин Вујовиќ, кој го трошеше третиот мандат на жешката тренерска клупа на македонскиот шампион. Но Вујовиќ и клубот се разделија кон крајот на годината и во новата СЕХА сезона, Вардар ќе влезе со Давид Дејвис како предводник.
Во играчкиот кадар, Вардар имаше големи промени. На Борко Ристовски на голот му се придружија Мартин Томовски, Али Сафар и Васил Гогов. На левата крилна позиција друштво на легендарниот Тимур Дибиров ќе му прави полскиот репрезентативец Јан Чувара, кој ќе го има дебито во регионалната конкуренција.
На десно крило се македонскиот и српскиот репрезентативец Гоце Георгиевски и Дарко Ѓукиќ, кои досега делеа по едно полувреме на натпреварите од ЛШ, како и перспективниот Ален Ќосевски. На линијата од шест метри покрај капитенот Стојанче Стоилов и Патрик Валчак, се францускиот интернационалец Жереми Тото, кој игра во одлична форма од стартот на сезоната, како и младиот Македонец, Стефан Атанасовски.
Најголемиот товар на плејмејкерската позиција го изнесува хрватскиот репрезентативец Анте Гаџа, а во ростерот се и Македонците Стефан Крстевски, Мартин Карапалевски и Марко Мишевски, кои имаат искуство во натпреварите од регионалната СЕХА лига и покажуваат голем напредок во играта оваа сезона.
На левата бековска позиција Вардар остана без Хрватот Анте Кудуз, кој пружи одлични партии на четвртфиналниот двомеч со Загреб во СЕХА од минатата сезона. Тој замина од македонскиот тим, но тука е француската двојка Бакари Диало и Оливие Њокас, како и репрезентативецот Филип Талески, кој беше меѓу најдобрите стрелци во есенскиот дел од ЛШ и Суперлигата.
Братот на Оливие, Кевин, по доаѓањето од Металург пред стартот на сезоната беше главниот избор на десната бековска позиција, а негов партнер е кубанскиот интернационалец Куни Моралес, кој исто така добро се вклопи во македонскиот состав. Уште една опција на оваа позиција е младинскиот репрезентативец на Македонија, Давид Савревски.
Вардар оваа сезона има солиден тим, кој сигурно уште еднаш ќе претендира на завршниот турнир во СЕХА и битките за титула. Миксот од млади македонски ракометари и искусни интернационалци од Русија, Хрватска, Куба, Франција, Кувајт, Србија и Полска, му дава за надеж на Вардар дека ќе може да се носи со другите фаворити за насловот оваа сезона.
Дури десет ракометари од Вардар беа дел од континенталните собири овој месец. Талески, Мишевски, Стоилов, Георгиевски, Томовски играа за Македонија на Европското првенство, а таму беа и Дарко Ѓукиќ (Србија), Анте Гаџа (Хрватска) и Валчак и Чувара (Полска), додека Али Сафар настапуваше за Кувајт на Азиското првенство.
Оваа година амбициите на тимот се место во четвртфиналето од Лигата на шампионите, место на Ф4 во СЕХА лига, како и двојна круна во Македонија. По есенскиот дел од сезоната во Суперлигата, „црвено-црните“ се на чело на табелата, откако со директниот конкурент Еурофарм Пелистер одиграа два меча и успеаја да освојат три бода, а единствен кикс им е поразот од вториот тим на битолчани. Остануваат да се доиграат уште шест кола од регуларниот дел, Вардар мора да победи на сите средби и ќе влезе со бод предност пред Еурофарм Пелистер во плеј-офот, кој на крајот на би можел да се покаже како решавачки за титулата.
Во елитното натпреварување, македонскиот тим тргна добро и забележа две победи и едно реми, но потоа следуваше голем пад и седум порази по ред, по што следуваше разделбата со тренерот Вујовиќ. Вардар е на седмата позиција на табелата, но до крајот на групната фаза остануваат уште четири кола во кои ќе се бара пласман најмалку едно место повисоко кое води во осминафиналето.