Амбициозниот тим на Раднички од Крагуевац на 1 јуни оваа година потпиша договор со поранешниот селектор на Србија, Веселин Вуковиќ, кој требаше да го наследи Ѓорѓе Теодоровиќ на тренерското место. Иако подготовките се уште не стартуваа, Вуковиќ и челниците на клубот пред почетокот на новата сезона одлучија спогодбено да го раскинат договорот, пишува српскиот портал „Рукометни Журнал“.
Вуковиќ во 2021 година, исто така ја прекина соработката со неговиот поранешен клуб Металопластика, но тоа се случи пред крајот на сезона 2020/21, откако раководството на некогашниот европски првак одлучи да го ослободи Вуковиќ поради неговата здравствена состојба.
Според „Рукометни Журнал“, тренер на Раднички ќе остане селекторот на младинската репрезентација на Србија, Ѓорѓе Теодоровиќ. Искусниот стратег во тимот од Крагуевац пристигна минатата сезона.
50-годишниот тренер ќе продолжи да ја води екипата на домашна сцена, но ќе има тешка задача да направи успех во Европа, иако на репрезентативно ниво тоа добро му оди и моментално со неговите избраници се вистински хит на младинскиот континентален собир, кој моментално се одржува во Португалија.
Теодоровиќ во меѓувреме беше договорен да го преземе составот на Железничар Ниш, но во овој клуб финансиите ќе бидат проблем следната сезона, па селекторот на младинците реши да се врати во Крагуевац.
Следната дестинација на Вуковиќ сѐ уште не е позната, но не е исклучена можноста да седне на клупата на некоја суперлигашка екипа од поранешна Југославија. Вуковиќ три и пол години помина на клупата на репрезентацијата на Србија и за тој период забележа одлични резултати. Под негово водство е освоен последниот медал на репрезентацијата од големите натпреварувања.