Хрватскиот шампион Загреб, кој во домашниот шампионат е неприкосновен, во новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе влезе со речиси подновен тим.
Раководството на „плинарите“ потпиша со неколку нови играчи, а официјално од клубот си заминуваат седумина, меѓу нив и екс членот на Металург, Вардар и Охрид, Стефан Додиќ.
Гигантот од хрватската престолнина го напуштат и Чаба Лејметер, Владо Матановиќ, Жељко Муса, Дино Славиќ, Никола Храховац и Хрвоје Чековиќ.
Како што е веќе познато, српскиот репрезентативец Стефан Додиќ кариерата ќе ја продолжи во Целје. Тој во наредните две сезони ќе биде позајмен ракометар од Келце во словенечкиот првак.
Искусниот кружен напаѓач Жељко Муса е нов член во амбициозниот Криенс Луцерн, додека Хрвоје Чековиќ се враќа во Горица.
Унгарскиот интернационалец Чаба Лајметер и Никола Граховац одат во пакет во повратникот во Првата бундес лига – Балинген.
30-годишниот голман Дино Славиќ од Загреб се сели во францускиот шампионат, поточно во екипата на Лимож.
Загреб до овој момент има потпишано со Куни Моралес (Вардар), Филип Главаш (Тримо Требње), Миодраг Чорсовиќ (Тримо Требње), Матич Сухолежник (Целје) и Анте Грбавац (Куенка).
Во хрватскиот шампион останува еден од легендите на Вардар, Тимир Дибиров. Левото крило со Загреб ја продолжи соработката на уште две сезони.