Ракометарите на ППД Загреб во 3. коло од Лигата на шампионите пропуштија голема шанса да стигнат до првите бодови. На домашен терен загубија од Алборг со 26:27.
Алборг го имаше почетното водство, 3:5 и 4:6, а потоа следуваше серија на Загреб кој го презема водството. Се играше изедначено гол за гол сè до финишот на првиот дел кога домашните обезбедија три гола предност, 15:12.
Во второто полувреме Загреб долго го контролираше резултатот. Постојано имаше два-три гола предност. Алборг имаше добар период и успеа да ја стопи негативата и израмни на 23:23. Во неизвесна завршница гостите подобро се снајдоа и ги однесоа бодовите.
Божовиќ со седум гола беше најефикасен во тимот на Загреб, а Вуглач постигна шест погодоци. Во победничкиот тим најмногу се истакна Јул со осум гола, а Саугструп постигна пет.