Екипата на ГОГ победнички ја започна сезоната во Лигата на шампионите, откако на гостувањето во Загреб кај истоимената екипа многу лесна стигна до победа со 31:27 (18:12), во натпревар од групата А.
Избраниците на Ивица Обрван во првите 30 минути успеаја да им парираат на гостите десетина минути и во останатиот период од првиот дел заостануваа на резултатска негатива од еден до пет гола разлика. Гостите од Данска по нерешениот резултат од 5:5 со два гола во низа во 10 минута се одлепија на 7:5 и од тој момент, па сѐ до крајот на првото полувреме имаа целосна контрола на теренот.
Загреб никако не можеше да се врати во игра, а големи проблеми на домаќините им правеше и гостинскиот голман Тобиас Тулин, кој на моменти не дозволуваше лесни погодоци во неговата мрежа. ГОГ чекор по чекор градеше сериозна резултатска предност, a разиграни беа Мадсен, Јоргенсен и Питлик, кои не дозволуваа домашниот тим да има било какви шанси за евентуален пресврт.
Ракометарите на ГОГ за неколку минути игра во вториот дел стигнаа и до осум гола разлика, 21:13, и тука веќе стана јасно дека „плинарите“ се наоѓаат пред тежок пораз. Во 40 минута резултатот беше плус десет гола разлика за ракометарите на ГОГ, 24:14. Домашниот тим во еден момент успеа да намали на пет гола разлика, 29:24, и да го ублажи поразот.
Најефикасни во составот на ГОГ беа Џери Толбринг и Лукас Јоргенсен со пет погодоци. Во поразениот табор најефикасен беше Иван Чупиќ со пет погодоци, а Тимур Димиров постигна четири гола од пет обиди. Натпревар за заборав одигра Звонимир Срна, кој имаше три гола од дури 11 обиди.
Во следното, второ коло од ЛШ, ГОГ на свој терен ќе игра против Динамо Букурешт, додека Загреб првите бодови во новата сезона ќе ги бара на гостувањето кај Магдебург.