Хрватскиот шампион Загреб продолжува со комплетирањето на тимот пред стартот на новата сезона. Нов член на „плинарите“ е Габрел Бувиниќ, кој во Загреб ќе пристигне од редовите на Умаг.
Бувиниќ во последните две сезони беше најдобар стрелец во најквалитетното натпреварување во Хрватска. Во сезона 2020/21 беше стрелец на 187 погодоци, додека во минатата сезона зад своето име запиша 165 погодоци. Младиот ракометар со најтрофејниот хрватски клуб потпиша тригодишен договор.
Загреб по заминувањето на Давид Мандиќ и Валентино Равниќ, мораше да пронајде адекватна замена на позицијата лево крило, а раководството на клубот одлучи шанса да му даде на 23 годишниот ракометар од Умаг. Бувиниќ заедно со повремениот репрезентативец на Хрватска, Давор Чавар, ќе ја сочинуваат левата крилна позиција во тимот на Ивица Обрван.
Претходно Загреб договори звучни засилувања и ги донесе левиот бек Вуко Борозан од Ал Араби, десниот бек Милан Милиќ од Нант, голманот на Горење Велење, Алјаж Пантјар, како и хрватскиот талент од Умаг, средниот бек Тим Томљановиќ.
Загреб аплицираше за вајлд-карта за настап во Лигата на шампионите, но со исклучувањето на Вардар од елитното клупско натпреварување, клубот може да обезбеди директен влез меѓу најдобрите европски екипи.