„Загреб не е меѓу најатрактивните тимови, но ова е важен дуел за Вардар“

Голманот на Вардар, Борко Ристовски е внимателен пред дуелот против ППД Загреб во 12. коло од Лигата на шампионите и верува во добар резултат.

Многупати досега играл против тимот на Загреб и знае како треба да се одигра за да се дојде до посакуваниот резултат, па оттаму пред дуелот в среда вели дека мора сериозно и борбено да му се пристапи на овој натпревар.

„Ова пред сè ќе биде доста борбен и израмнет натпревар. Двете екипи ќе ја бараат својата последна шанса за место погоре. Поквалитетни сме од Загреб, но важно е она што ќе се договори тактички да се испочитува со тренерот Дејвис. Важно е натпреварот да го почнеме без многу технички грешки и да не се доведеме во ситуација да играме гол за гол во последните 15-20 минути“, вели Борко Ристовски.

Ова е максимално важен натпревар за тимот на Вардар и затоа сите мора да бидат на максимум ако сакаат да се изборат за позитивен резултат, кој би можел да го донесе тимот дури и на 5. позиција во групата.

„Загреб можеби не е толку атрактивен тим, но за нас е максимално важен овој дуел и мораме сериозно да му пристапиме и да го добиеме. Подготвени сме и работиме добро на тактички план. Со доаѓањето на Дејвис клубот се издигна во тактички и тренерски аспект. Мораме да го продолжиме овој пат во ист стил. Кога сè ќе се собере и одземе Вардар е на добар пат и мораме да ја искористиме оваа добра атмосфера и добра хемија и Вардар да остане онаму каде што му е местото меѓу најдобрите тимови во Лигата на шампионите“, коментираше Ристовски.

Средбата се игра в среда од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“, а тоа ќе биде одлична можност за голем број на фанови и за убава поддршка за клубот.