Дибиров доби пукната аркада, Загреб загуби со „десетка“ во Германија

Германски Магдебург се искачи на првото место на табелата во А групата во ЕХФ Лигата на шампионите по вториот триумф по ред, овојпат против Загреб 35-25 (17-12). Хрватскиот тим останува без бодови и е еден од четирите тимови што се уште немаат освоено бодови сезонава.

Загребчани сезонава влегоа во групната фаза од ЛШ со посебна покана од ЕХФ, бидејќи Хрватска нема веќе загарантирано место меѓу најдобрите екипи. Но, останува сликата дека ППД Загреб нема конкурентен тим ниту да ја мине групната фаза, освен ако не ја подигне формата во следните натпревари.

Тимур Дибиров играше во првото полувреме, а на самиот почеток на второто во напад доби удар во главата и пукната аркада, па остатокот од мечот го мина на клупата со газа над окото. До тој момент Русинот имаше еден гол од два упатени шутеви. И не само Дибиров, во второто полувреме на повреда се жалеше и Чавар, па ротацијата на загребчани беше намалена, а со тоа и шансите да се направи нешто повеќе.

Во 42 минута Германците првпат ја пробија бариерата од десет голови поведувајќи со 26-16 со голот на Матијас Муше. Тоа беше и најава за поразот на „плинарите“.
Остана само да се види дали Загреб ќе успее да намали на некоја пристојна разлика или ќе биде тоа поголема резултатска катастрофа.

А Загреб не беше постојано во негатива. Во првото полувреме хрватскиот првак имаше и водство од 4-3 и 5-4. Но, тоа кратко траеше. Од 5-5 брзо Магдебург отиде на 7-5, и 10-7. Тука почна да „се крши“ резултатоти во 23 минута домашните веќе водеа со 13-9. Полувремето донесе предност од 17-12 која дотогаш беше највисока во корист на Германците.

Кај домашниот тим Тим Хорнке постигна 11 гола од 13 обиди, а по четири дадоа Муше и Вебер. Кај ППД Загреб пет гола постигна Лејметер, а по три Клис, Муса и Сиротиќ.