Ракометарите на Загреб се последните директни четвртфиналисти во регионалната СЕХА лига, откако вечерва на домашен терен го победија составот на Мешков Брест со убедливи 30-24.
Покрај Вардар и Мотор од групата А, директни патници во четвртфиналето се уште Веспрем и Загреб од групата Б. Белорускиот првак одлично парираше во првиот дел, имаше и предност од еден или два гола, но на пауза се замина со водство за “плинарите” со 12-11.
По 13-13 на стартот на второото полувреме, избраниците на Веселин Вујовиќ се одлепија на 17-13 и тука беше решен победникот. Гостите се обидуваат да се вратат во игра, но неуспешно, па мечот заврши со победа на Загреб од 30-24.
Најдобри стрелци во победничкиот состав кој не сметаше на македонскиот репрезентативец Ненад Костески, беа Анте Гаџа со осум и Марин Шипиќ со шест, додека кај гостите се истакнаа Ваилупау со пет и Баранау со четири голови. Белорускиот тим ќе мора во осминафинале да се сретне со кинескиот Пекинг.