Руското лево крило Тимур Дибиров, би можел да го напушти македонскиот шампион Вардар ова лето. Хрватскиот шампион Загреб го бара членот на Вардар и двете страни преговараат за трансфер. Дибиров за 24Ракомет потврди дека „се преговара“, но засега не е точно дека трансферот е завршен.
Хрватскиот тим сака да профитира од неиграњето на Вардар во групната фаза од ЕХФ лигата на шампионите, па да го ангажира „летечкиот Русин“ барем за оваа сезона, бидејќи остана без капитенот на левата крилна позиција – Давид Мандиќ, кој се пресели во бундеслигашот Мелсунген.
Откако Вардар не доби дозвола од ЕХФ да игра во европските купови, претседателот на клубот Михајло Михајловски, на прес конференција потврди дека останало да се разговара уште со Дибиров и Томовски, кои во тоа време беа на одмор.
Според информациите на 24Ракомет од Загреб, од „плинарите“ имало конкретна и примамлива понуда за Дибиров, кој треба да реши дали ќе замине од Скопје, или ќе остане верен на „црвено-црниот“ дрес. Заедно со Стојанче Стоилов се во моментов најголемите клупски икони, и дел од најголемите успеси на „црвено-црните“ во изминатиот период.
По одлуката на ЕХФ да го исклучи Вардар од Лигата на шампионите, повеќето европски екипи почнаа да ги бараат играчите на македонскиот тим. Павел Андреев следната сезона ќе ја игра во Мешков Брест, Жилберто Дуарте во бундеслигашот Гепинген, додека допрва треба да дознаеме каде ќе продолжат Божо Анѓелиќ и Нејц Цехте. Досега единствено засилување е пивотот Милан Лазаревски од словенечкиот Тримо Требње.
Капитенот Стојанче Стоилов на прес-конференцијата минатиот месец потврди дека тој ќе остане во клубот и покрај тоа што нема да игра во Лига на шампионите, а и Гоце Георгиевски потпиша нов договор со клубот. Повеќе од сигурно е дека македонските интернационалнци ќе останат за следната сезона, а од интернационалците се смета(ше) на Дарко Ѓукиќ, Куни Моралес и евентуално на Јан Чувара. Анте Гаџа е повреден и треба да се врати пред крајот на годинава, а дополнително треба да биде решен и статусот на Стефан Додиќ, кој повеќе од сигурно е дека ќе биде позајмен од Келце на друг клуб, а тој би можел да биде Вардар.
На клупата на Вардар ќе седи Владо Недановски кој го водеше тимот на последните мечеви од есенскиот дел на сезоната, меѓу кои и оној во Битола кога Вардар „извади реми“ со што го задржа првото место и пренесе бод повеќе од Еурофарм Пелистер во пролетниот дел кога се разигруваше за титулата.