Репрезентацијата на Унгарија е нов европски шампион за младинки откако во финалето на Европското првенство убедливо ја совлада селекцијата на Русија со 31:22.
Унгарките беа доминантни во текот на целиот натпревар, а веќе во 12. минута водеа 9:5. До крајот на првиот дел ја контролираа играта и ја зголемуваа разликата, а Русинките немаа одговор на ваквата игра на противникот. После 30 минути игра беше 17:11 за Унгарија.
И во продолжението на натпреварот Русија немаше шанси да се врати во игра за титулата. Унгарија без многу проблеми го одржуваше водството и сигурно го водеше мечот кон триумф и освојување на златниот медал на првенството.
Најефикасна во победничкиот тим беше Јоана Фаркаш со седум гола, а Бланка Кајдон беше втор стрелец со пет погодоци. Во репрезентацијата на Русија најпрецизна беше Ксенија Закордонскаја со шест гола.
Во натпреварот за бронзата Франција ја совлада репрезентацијата на Шведска со 30:29 и стигна до утешното 3. место. Французинките беа во водство во текот на целиот натпревар, а на полувреме имаа 15:10. Само во финишот на натпреварот Шведска успеа да се доближи на минус еден, но Франција го освои бронзениот медал.