Репрезентативецот на Русија и ракометар на ПИК Сегед, Дмитри Житников во разговор со неговиот сонародник Константин Игропуло за неговиот Телеграм канал говореше за одлуката за прекинување на првенството во Унгарија.
Федерацијата на Унгарија одлучи да го поништи првенството и во машка и во женска конкуренција и нема да има нов шампион на земјата годинава.
„Препорачливо беше да ја прекинеме сезоната бидејќи паузата е предолга. Медиумите пишуваат дека врвот на вирусот ќе биде во јуни или јули. Лично повеќе се радувам отколку што сум вознемирен. Сакав да го завршам првенството и да одам на одмор со мирна душа, но се случи тоа што се случи. Би било глупаво да се одреди победник на првенството, федерацијата одолговлекуваше заради Лигата на шампионите и местата кои ќе ги добие за наредната сезона. Планираат местата во ЛШ да ги доделат на Веспрем и ПИК Сегед во машка и Ѓер и Ференцварош во женска конкуренција“, коментираше Житников.
Во однос на натпреварувањето во Лигата на шампионите кое сè уште не е откажано туку само одложено, Житников смета дека ЕХФ би требало да означи крај на натпреварувањето за сезонава.
„Лигата на шампиони не е прекината, работиме само индививуални тренинзи и ја чекаме одлуката на ЕХФ. Според мене Лигата на шампионите треба да се запре. Екипите ја играат целата сезона со исти играчи, а решавачките натрпевари ќе треба да ги играат без голем број на играчи. Глупаво и неправедно е ова“, заврши Житников.
ПИК Сегед во осминафиналето на Лигата на шампионите треба да се сретне со европскиот првак Вардар.