Селекторот на машката сениорска репрезентација на Франција, Гијом Жил го објави списокот на играчи за подготвителниот период во пресрет за претстојните квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Германија.
Во ростерот на Жил партиципираат 20 ракометари, а за првпат во националниот тим е повикан младиот голман на Монпелје, Чарлс Боцингер, кој ќе го заменува повредениот Весли Парден.
Франција во квалификациите за пласман на ЕП 2024 ќе игра против репрезентациите на Италија, Летонија и Полска, па така Жил за сите натпревари ќе може да направи по неколку комбинации.
Браќата Карабатиќ се неизвесни за настапот на првите два квалификациски натпревари бидејќи моментално се позитивни на коронавирус.
Ракометарите на Франција на 13 октомври пред својата публика ќе играат против Летонија, додека три дена подоцна, односно на 16 октомври ќе гостуваат кај Италија.