Некогашната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Тања Медвед, доживеала вистинска драма, а за тоа се огласи и на социјалните мрежи.
Србинката, која пред неколку години беше дел и од академијата на ЖРК Вардар, се пожали за настанот што се случил во нејзиниот дом во Нови Сад.
За среќа, целата ситуација завршила само со кражба. 47-годишната Медвед не откри многу детали, но порача дека таа и нејзиниот сопруг, покрај другото останале и без личните документи. Во куќата била и нивната ќерка.
„Почитувани сограѓани од Нови Сад. Синоќа ни упаднаа крадци во куќата, додека спиевме и не ограбија. Благодарни сме и на судбината што никој од нас тројцата не се разбуди, и што се се заврши само на кражба. Украдени ни се сите лични документи, како на сопругот Грегор, така и моите. Ве молам доколку некој ги најде, да ги однесе во полиција или да не контактира да ги земеме“, напиша Медвед.
Медвед ја заврши богатата кариера во 2010 година како ракометарка на Зајечар. Од 1997 до 1999 година таа беше членка на Кометал ЃП, со кој освои две двојни круни во Македонија и стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите. Потоа играше за Валенсија, Мец, Унион Рибароха и Архус, а со националниот тим на Југославија стигна до бронзениот медал на Светското првенство во Италија во 2001 година.