Жељко Бабиќ: Ќе останам во Битола додека не го кренеме пехарот

Екипата на Еурофарм Пелистер денеска го реши прашањето за тренер во следните години откако стратегот од Хрватска, Жељко Бабиќ го стави потписот на договор до јуни во 2024 година.

Во својот прв коментар после потпишувањето на соработката тој информираше дека е задоволен од останувањето во Битола така што дефинитивно продолжува со работата и со она што го почна на почетокот на минатата година.

„Уште на почетокот разговарав со Стерјев за иднината на клубот и уште тогаш сакавме еден проект и договор на подолго време. Не го потпишавме веднаш туку бевме професионални и дадовме време да видиме како ќе се снајдам во новта средина и клубот да види какви се моите способности. Исто така беше оставено да се види дали мојот профил одговара на клубот. После една година јас како тренер сум задоволен како нашиот клуб се развива, како напредуваме и на организациски и во професионален смисол. Клубот е задоволен од мојот ангажман и пристап кон работата. Соработката продолжува и ако даде Господ ќе потрае во следните три години. Радосен сум што сум дел од семејството Еурофарм и ќе направиме сè еден ден да го кренеме пехарот кој толку го посакуваме. Потребно е време за ова, а јас во шега велам додека не го кренеме пехарот ќе останам во Битола“, изјави Бабиќ.

Тој потврдува дека има добар играч кадар спој на ракометари од Македонија и добро одбрани странци така што верува дека со нив може да дојде до посакуваниот резултат.

„Сакаме да имаме што повеќе македонски репрезентативци, сакаме да бидеме радосни и со полно срце кога игра репрезентацијата на Македонија знаејќи дека таму има многу ракометари на Еурофарм Пелистер. Дека како клуб му даваме многу на македонскиот ракомет. Нашиот клуб е спој на квалитетни македонски ракометар и добро одбрани и селектирани ракометари од страна кои според мене сигурно ќе донесат успех. Прашање е само на време кога тоа ќе се случи“, коментираше Бабиќ.

Составот на Еурофарм Пелистер ќе има тежок распоред во февруари бидејќи ќе треба да се одиграат неколку средби од СЕХА лигата, но и од Лигата на Европа, па сега ќе се види колку момците се подготвени и колку може да се очекува од нив.