Екипата на Стружанка во рамки од 9. коло од Женската лига пред својата публика славеше против Овче Поле Славјански Универзитет, со резултат 25:23, во натпревар од групата Б.
На овој дуел судиите Иван Илиевски и Александар Шуковски имаа многу работа, поделија вкупно 15 исклучувања, од кои три за домаќинките и 12 за гостинките, досудија 18 седмерци, десет во корист за домашниот тим и осум за гостинскиот табор и покажаа два црвени картони.
Тимот од Свети Николе влезе мотивирано во дуелот, го диктираше темпото во првиот дел и беше по конкретен во однос на домаќинот. Овче Поле Славјански Универзитет во воведните пет минути имаше предност од 5:1, а домашната одбрана во првите 30 минути не беше на посакуваното ниво. Избраничките на Илија Бетувски по одличниот почеток се опуштија и при водство од 6:4 им дозволија на домаќинките да се вратат во игра.
Стружанка израмни на 6:6 и до крајот на полувремето имаше голема борба на двете страни од теренот. По нерешените 10:10, домаќинките како да застанаа, направија неколку технички грешки и повторно влегоа во криза. Гостинската екипа со погодоците на Вучевска и Галевска на полувреме замина со активен резултат од 13:10.
Ракометарките на Бетувски беа подобро расположени на почетокот во вторите 30 минути и успеаја да се одлепат на ,,плус пет” 15:10. Стружанка не се предаваше, заигра поангажирано во последниот дел и со пресврт стигна до трите бода. Откако беше 22:20 за гостинот, Стружанка со серија од 3:0 поведе со 23:22, но гостинките набрзина израмнија на 23:23. Иако Овче Поле Славјански Универзитет имаше шанса за реми, сепак, домаќинките се одбранија во последниот напад и преку Делиоска ги поставија конечните 25:23.
Најефикасни во победничката екипа беа Ивана Затуроска со десет и Магдалена Делиоска со шест погодоци. Кај поразениот табор се истакнаа Марија Галевска со осум и Елена Вучевска со девет гола.
Анастасија Сентовска и Марија Галевска од Овче Поле Славјански Универзитет поради три исклучувања заработија црвен картон во финишот и мораа да се преселат на трибините.
Погледнете ги возбудувањата во последните неколку минути во Струга…