Денеска во седиштето на Европската ракометна федерација (ЕХФ) беше извршена најголемата ждрепка за Европските Купови.
Дури 180 екипи од цела Европа во машка и женска конкуренција ги дознаа своите ривали во првите и вторите рунди од куповите.
Ждрепката траеше повеќе од 100 минути, а имаше и еден урнебесен момент. Еден од садовите очигледно не го издржа „товарот“ и се скрши среде ждрепка.
Мораше да има краток прекин, за садот да биде заменет, а топчињата со останатите екипи да бидат ставени во новиот сад.
Среќа па во Виена веќе имаат вакви искуства од претходните ждрепки, па имаа подготвено резервна варијанта.
Уште еден „среќен“ момент е што женските претставници од Македонија во Европскиот Куп и тимот на Тиквеш во истото натпреварување не го добија ривалот од Азербејџан, кој беше пријавен и во двете конкуренции.
Замислете како ќе изгледаа насловите ако оваа екипа беше ривал на некој од екипите од Македонија.
За настапот во Лигата на Европа во машка конкуренција за претстојната сезона се пријавија 37 екипи, од кои 27 имаат директен пласман во групната фаза. Десет екипи ќе играат во единственото квалификациско коло.
Поранешниот шампион на Македонија, Вардар, доколку сака да игра во групниот сегмент во второто по ранг европско клупско натпреварување ќе треба во квалификациите да го елиминира Рајн Некар.
Доколку Вардар успее да биде подобар од Рајн Некар, тогаш Македонија ќе има два претставници во групната фаза во Лигата на Европа, бидејќи вицепрвакот Алкалоид обезбеди директен пласман.
Речиси сите тимови од квалификациите имаат подеднакви шанси за пласман во групната фаза во Лигата на Европа. Во ситуација Рајн Некар и Хановер да победат во квалификациските дуели против Вардар односно Иштад, во групната фаза ќе има четири германски екипи.
Дуелите од квалификациите ќе се одиграат на 26/27 август, додека реваншите една недела подоцна. Групната фаза стартува на 17 октомври.
Во Лигата на Европа кај дамите партиципираат вкупно 34 екипи. На денешната ждрепка беа одредени паровите за второто и третото коло. Во ова натпреварување ќе има нов шампион, откако ланскиот освојувач, тимот на Икаст, доби место во Лигата на шампионите.
Екипите на Никобинг, Глорија Бузау, Турингер и Мошонмаѓаровар имаат директен пласман во групната фаза од Лигата на Европа. На овие четири екипи ќе им се придружат најдобрите 12, кои ќе успеат да бидат победници во третото коло.
Стартот на групната фаза од Лигата на Европа во женска конкуренција е закажан за 6/7 јануари, 2024 година.
За новата сезона во Европскиот Куп во машка конкуренција се пријавија вкупно 76 екипи, од кои 40 ќе стартуваат од второто коло. Меѓу оние кои ќе го прескокнат првото коло е и македонскиот претставник Тиквеш. Кавадарчани за ривал во второто коло го имаат тимот на Кремс од Австрија.
Натпреварите од првото коло се играат на 9/10 септември, додека реваш дуелите се закажани за 16/17 септември. Второто коло запопнува на 14/15 окромври, кога ќе се одиграат првите дуели. Реваншите од второто коло ќе бидат на програмата на 21/22 октомври.
Титулата во Европскиот Куп во минатата сезона ја освои екипата на Војводина, која во претстојната сезона ќе игра во Лига на Европа.
За оваа сезона во Европскиот Куп во женска конкуренција беа пријавени 64 екипи, меѓу нив и тимовите од Македонија – Ѓорче Петров, Чаир и Куманово. Сите три екипи денес ги дознаа ривалите и настапот ќе го започнат од второто коло.
Шампионот Ѓорче Петров за ривал го доби Тиват од Црна Гора, вицепрвакот Куманово ќе игра против Херцогенбуше од Швајцарија, додека Чаир во второто коло ќе се сретне со Венло од Холандија.
Титулата во Европскиот Куп минатата сезона ја освои Коњалти, клуб во кој настапуваат двете репрезентативки на Македонија, Моника Јанеска и Ивана Гакидова.
Првите натпревари од второто коло ќе бидат одиграни на 23/24 септември, додека реваншите се една недела подоцна.