ЕХФ ќе избира ракометар(ка) на годината

Тоа што беше најавено на состанокот на Извршниот Комитет на ЕХФ во Келн во јуни, денеска доби официјализација.

Почнувајќи од следната сезона 2022/23, Европската ракометна федерација, по теркот на ИХФ, ќе избира „ракометар и ракометарка на годината“.

Новата сезона во европските купови стартуваше со натпреварите од првото квалификациско коло во Лигата на Европа, а ќе кулминира со завршниот турнир во Лигата на шампионите во Келн во јуни 2023 година. Тогаш со гала вечер ќе бидат прогласени најдобрите.

За некој ракометар/ка да добие номинација треба да биде дел од идеалниот тим во ЛШ. По тројца од секоја позиција што ќе имаат најмногу номинации влегуваат во изборот. Еден играч од секоја позиција доаѓа од Лигата на Европа, а еден од идеалниот тим на ЕП (или од европските играчи од идеалниот тим на СП)

Гласањето има четири сегменти. По 25% удел ќе имаат гласови од тренерите, играчите, новинари и фановите.