Европската ракометна федерација денеска ги објави сите екипи (21) што се пријавија за учество во Лигата на шампионите во женска конкуренција. Македонија според рејтингот немаше директно место во елитата, но според новото правило на ЕХФ можеше да побара вајлд-карта, како тоа што го сторија Локомотива, Заглебје, Савехоф и Кастамону.
Шампионот Ѓорче Петров нема ростер за настап во ЛШ и не побара место во најквалитетното европско натпреварување, па во новата сезона ќе игра во Европскиот Куп.
Девет од пријавените екипи имаат загарантирано место во елитата, додека останатите 12 ќе чекаат ЕХФ да им одобри една од седумте вајлд-карти. Иако рускиот првак ЦСКА Москва според рејтингот има директно место, сепак поради актуелната суспензија, нивното место оди во вајлд-карти.
Сигурни учесници во ЛШ следната сезона се првакот Вајперс Кристијансанд, потоа данските Есбјерг и Оденсе, францускиот Мец, германскиот Битигхајм, унгарскиот Ѓер, црногорската Будуќност, романскиот ЧСМ Букурешт, како и словенечкиот Крим.
Меѓу оние екипи што бараат вајлд-карта се Локомотива Загреб, Икаст, Брест Бретањ, Нант, Ференцварош, Дебрецин, Сторхамар, Сола, Рапид Букурешт, Заглебје Лубин, Савехоф и Кастамону.
Последен пат Македонија имаше претставник во женската Лига на шампионите во сезоната 2017/2018, кога Вардар загуби во финалето од унгарскиот Ѓер.