Денес се одиграа двете полуфинални средби на првиот ЕХФ шампионат за младинци кој се одржува во Варна (Бугарија). Репрезентациите на Чешка и Австрија обезбедија пласман во финалето, кое е закажано за утре. За трето место ќе играат Холандија и Финска.
Репрезентацијата на Чешка во првиот полуфинален натпревар беше убедлива против Холандија, триумфираше со седум гола разлика, 36:29. Ракометарите на Чешка победата ја обезбедија уште по првото полувреме, кое заврши со резултат 20:11 во нивна корист.
Австрија во второто полуфинале славеше против Финска со 34:28. На полувреме, Финска имаше резултатска негатива од 13:19 и во вторите 30 минути не можеше да направи ништо повеќе против расположените ракометари од Австрија, кои во утрешното финале ќе се борат против Чешка.
За потсетување, младинската селекција на Македонија ќе биде дел од истото вакво натпреварување кое ќе стартува на 16 јули и ќе се игра до 24 јули. Шампионите од ова натпреварување ќе обезбедат место на Светското првенство за младинци во Хрватска следната година.